Древни ритуали
Како локалитет, Кокино е препознатливо по тоа што има двојна улога. Додека еден дел од маркерите кои се изделкани во карпата се користеле од практични причини, како начин за следење на времето и сезоните, другиот дел од маркерите, заедно со камените престоли, имал и ритуално значење, заедно со самата карпа. Како светилиште, се смета дека Кокино било и регионален религиозен центар, што значи дека луѓе патувале и до два дена пешки за да ги извршат своите ритуали.
За народите кои живееле во околината на Кокино во Бронзената доба, слично како и за други народи од периодот, елементите биле живи, имале свои карактери и расположенија.
Археолозите претпоставуваат дека две главни форми на религиозни ритуали се изведувале на локалитетот, како дел од обожувањето на две божества кои во една или друга форма биле обожувани во многу култури пред и за време на Бронзената Доба – Големата Богинка Мајка и Сонцето.
Големата Богинка Мајка била персонификација на растот, на плодната земја која ги раѓала посевите, ги хранела домашните животни и самите луѓе кои живееле од неа. Карпите на Кокино имаат вулканско потекло поради што постојат бројни хоризонтални и вертикални пукнатини. Луѓето кои живееле во близина, пукнатините ги доживувале како отвори во утробата на Големата Богинка Мајка. На просторот за обреди, тие носеле дарови од своите куќи, најчесто садови полни со овошје, зеленчук, течни жртви, фигурини, мелници за жито, пирамидални тегови, калапи за лиење на бронзени предмети и како такви ги полагале во тие природни отвори. Откако ќе ги положеле, ги затрупувале со земја и камен. Овие дарови требало да ја одоброволат божицата за таа да им даде плодна сезона.
Друг обред за кој се верува дека се одржувал на Кокино е поврзан со божеството на Сонцето. Сонцето, кое било сметано за син на Големата Богинка Мајка, означувало светлина, сила, моќ и топлина. Археолозите сметаат дека токму за да се пренесе симболичната моќ на сонцето и правото да се владее со племето се исклесани и троновите на Кокино. Луѓето кои седат на нив се свртени со своите лица на исток.
Сонцето тогаш излегува на источниот хоризонт со тоа што прво го осветлува тој што седи на едниот престол, а потоа и сите други престоли и на тој начин дава легитимитет и сила на старешината или свештеникот да владее со својот народ. На тој начин, моќта на сонцето се пренесува на лицето на кое паѓа светлото.
Низ ритуалите кои ги практикувале, луѓето кои живееле во Бронзената Доба ја покажувале својата почит кон природата и желбата да се приближат до нивните божества. Ако го посетите Кокино на некој од овие денови, во зенитот на моќта на елементите, можеби и Вие, барем на еден момент, ќе бидете пренесени во легендарното минато на локалитетот, кога живите богови сѐ уште шетале по нашата земја.
Најборбените
Како географска локација, Кокино и неговата околина биле постојано населени уште од почетокот на Бронзената Доба. Разни народи и цивилизации низ вековите го сметале Кокино за свој дом. За некои од нив, како градителите на обсерваторијaта и светилиштето можеме само да претпоставуваме како живееле, поради недостаток на пишан јазик и ограничениот број на артефакти и остатоци од периодот кога тие биле раширени низ овие предели. За други, пак, историјата зачувала текстови, записи и преданија, па за нив можеме да откриеме повеќе детали.
Познато е дека на територијата на денешна Република Македонија, во железната доба и во антиката биле населени Пајонците, народ опеан и во Хомеровата Илијада. Познати по своите јавачки способности, Пајонците се бореле на страната на Тројанците во Тројанската војна. Поради своите вештини како коњаници, тие се регрутирани и во грчките, а во подоцнежни времиња и во римските војски како дел од тешката коњица.
На малку од луѓето кои го посетуваат Кокино им е познато дека на територијата која ја нагледува обсерваторијата во времето на Александар Македонски живеел еден од најборбените народи во регионот – Агријаните. Агријаните биле дел од Пајонските племиња, познати по својата вештина во фрлањето на копја, како и својата дисциплина како воена единица. За да ја задржат брзината, со себе носеле сноп џилити, без оклопи и шлемови, па можеби дури и без штитови. Биле вешти во справувањето со тешки терени каде не било практично да се користи фалангата или мобилноста била повредна.
Регионот во кој живееле може грубо да се триангулира во просторот помеѓу денешно Куманово во Македонија, Врање во Србија и Перник во Бугарија. Александар бил познат по тактиката да ги напаѓа непријателите со таканаречен „чекан и наковална“ пристап –коњицата – чеканот, се обидувала да ги заобиколи и нападне непријателите одзади и да ги потисне врз пешадијата – наковалната. Оваа стратегија била високо исплатлива, но и високо ризична.
Доколку коњицата не успеала да ги разбие редовите или да ги заобиколи противниците, Александар и остатокот од водачите на војската биле изложени на опасност од напад. Агријаните, мобилни и вооружани со кратки копја и мечеви, ги сочинувале тоа што денес би биле елитните одреди или телохранителите. За нив се говори дека дури неколку пати го спасиле животот на Александар. Пример за ова е битката кај Гавгамела, каде војската на Александар влегла во одлучувачка борба против војската на перскискиот крал Дариус III. Се говори дека Александар во еден момент од битката паднал од својот коњ и бил опкружен од силите на Дариус и дека само благодарение на брзата реакција на Агријаните и остатокот од неговата гарда, кои го одбраниле од нападот, бил спасен неговиот живот.
Можеби токму од врвот на Кокино некои од нив за последен пат ја гледале својата земја како се протега од едниот до другиот крај на хоризонтот, пред да заминат да се борат во походите на Александар и со своите успеси да го удрат темелот на една од најголемите империи во историјата.
Проклетиот рид
Уште пред да биде откриено Кокино како мегалитска опсерваторија и светилиште во 2001 година, мештаните од околината го сметале за место кое поседува мистериозни моќи. Дури и денес, дел од населението верува дека Кокино е проклето и дека тие кои ќе се задржат предолго или ќе се дрзнат да го нарушат локалитетот ќе бидат казнети. Доколку се сретнете со некој од нив, можеби ќе го убедите да Ви ја раскаже случката од пред околу 50-60 години со која и започнало модерното верувањето во моќите на Кокино.
Луѓето велат дека во тој период,на неколку денови и само во определени денови од денот, камења со големина на човечка тупаница паѓале по покривите на куќите кои биле најблиски до локалитетот. Камењата паѓале како од небо, во налети како некој да ги истура со кофа од високо. На сопствениците на овие поседи овој настан им ги оштетил покривите и прозорите, па тие, најверојатно мислејќи дека некој од локалните шегобијци се мајтапи со нив, ја повикале тогашната Југословенска полиција да го расчисти случајот. Полицијата, пак, позната по својата строгост и темелност, организирала следење и набљудување на локалитетот со надеж дека престаникот ќе биде фатен и соодветно казнет. На неколку денови, малото село изгледало како сцена од некоја крими-новела. Сепак, покрај сите напори на полицијата и мештаните, полицијата никогаш не го нашла сторителот, а камењата и понатаму продолжиле да паѓаат врз покривите на куќите. Сопствениците на овие две-три куќи, не можеле да го поднесат трошокот постојано да ги поправаат своите покриви и психолошкиот стрес да бидат под опсада од камења кои по сите наоди изгледало дека не се фрлени од човечка рака. Тие се иселуваат од куќите и никогаш не се враќаат.
Ако почнете да се качувате на Кокино, од десната страна ќе ги видите тие неколку напуштени куќи, кои и денес ги потсетуваат посетителите дека влегуваат во место кое бара почит, на кое сѐ уште одекнуваат ехата од ритуалите кои се одржувале пред милениуми. Други, пак, ќе Ви кажат дека народниот фолклор отсекогаш имал тенденција да увеличува и да го потенцира мистичното во сите приказни. Колкав дел од оваа локална легенда е вистинит? Дали планината навистина ги казнила тие кои се осмелиле да го пројдат нејзиниот праг, или бујната фантазија на локалните жители си го направила своето? Посетете го Кокино и одлучете за себе.