Древната опсерваторија Кокино (или Мегалитската опсерваторија Кокино) е една од најинтересните содржини на овој локалитет. Просторот користен за оваа намена е ориентиран во правец запад – исток. Се состои од пониска, западна и повисока, источна платформа (A и B), со висинска разлика од околу 19 м. меѓу нив, како и западната и северната астрономска платформа ( C и D). Платформите A и B биле користени за обредни дејствија.

Поглед кон тронот на Платформа А
Поглед кон тронот на Платформа А

Од платформата C се набљудувани, низ соодветни маркери, изгревите на сонцето во деновите на летната долгоденица и зимската краткоденица, како и за време на пролетната и есенската рамноденица. Маркерите за минимална и максимална деклинација на изгревите на полната месечина, во зиме и во лето и даваат на опсерваторијата посебно значење. Праисториските жители на овој простор знаеле дека, во ист календарски ден, истата фаза на месечината се појавува на исто место на хоризонтот на секои 19 години.

Маркер за летна долгоденица
Маркер за летна долгоденица

Астрономските истражувања покажаа дека астрономската платформа C и маркерите се изработени во втората половина на 19 в. пред н. е. На основа на бележењето на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт, праисториските набљудувачи на небото над Кокино изработиле календар со циклус од 19 години. Создавањето на календар е големо достигнување на праисториските жители, доказ за добрата организација на животот и нивната духовна култура.

Маркер за зимска краткоденица
Маркер за зимска краткоденица

Последните истаржувања покажаа дека астрономската платформа D, на северната падина на локалитетот, служела за набљудување на пролетната и есенската рамноденица, како и на позициите на ѕвездата Алдебаран, во периодот помеѓу 2000 и 1500 г. пред. н. е. Постојат индикации дека старите набљудувачи на небото, со знаењето кое го поседувале, можеле да ги предвидат затемнувањата на сонцето и месечината.

Календар

Календарот на праисториските жители на Кокино е лунарен, направен според привидното движење на месечината. Со долгорочно набљудување на изгревите на полната месечина на источниот хоризонт, во деновите кога таа е највисоко на небото (во зима) и кога е најниско (во лето), старите набљудувачи на небото над Кокино успеале да ги маркираат нејзините максимални и минимални деклинации во овие сезони (кои се случуваат еднаш во 19 год.), набљудувани од астрономската платформа C.

Месечината над маркерот за минимална деклинација во зима
Месечината над маркерот за минимална деклинација во зима

Така, околу маркерот на кој се појавува сонцето на денот на летната долгоденица, лево и десно од него, се изработени маркерите за максималната и минималната деклинација на полната месечина во зима. (Овие маркери се добро сочувани). Аналогно, лево и десно од маркерот на кој се појавува сонцето на денот на зимската краткоденица се наоѓаат маркерите за минималната и максималната деклинација во летниот период. Изработката на овие месечеви маркери покажува дека старите набљудувачи на небото знаеле за фактот дека истата фаза на месечината се појавува на иста позиција на небото, во ист календарски ден, во интервал од 19 години.

Месечината над Кокино
Месечината над Кокино

На основа на овие сознанија бил изработен лунарен календар со циклус од 19 години. Во овој календар, лунарната година имала должина од 12 или тринаесет лунарни месеци, кои содржеле 29 или 30 дена. При тоа, 12 лунарни години содржеле 12 лунарни месеци, од кои 6 зимски со должина од 29 дена и 6 летни со должина од 30 дена. Останатите 7 лунарни години содржеле по 13 лунарни месеци од кои 6 зимски со должина од 29 дена и 7 летни со должина од 30 дена.

Појавување на сонцето на обредниот маркер
Појавување на сонцето на обредниот маркер

За означување и мерење на должината на лунарните месеци од 29 и 30 дена изработени се дополнителни камени маркери, од кои добро е сочуван маркерот за мерење на лунарниот месец од 29 дена.